30 јанПетти блог-роденден

Не ми се верува дека поминаа пет години откако си го отворив блогот. Е па нека ми е среќен роденденот!

26 марОдносите меѓу Грција и Македонија по примерот на Кунта Кинте

Видеото кажува се!

YouTube Preview Image

21 марШто треба да знаат малите народи?

Љубомир Д. Фрчкоски на 16.03.2010 година:

На малите држави им е во интерес да се почитува идеологијата на меѓународното право. На малите држави им е во интерес да играат по правила. Но, за тоа ви требаат елити кои имаат знаење, способност. Елити што знаат како низ тој свет на правила, норми, процедури, обичаи. Големи држави можат и без тоа. Големите држави можат да си го дозволат Буш на пр. Тие едноставно можат да се потпрат на стратешката сила и моќ што ја имаат.

Е, тука доаѓа до израз Гоцевата идеја за „светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Во еден таков интегриран свет не можете туку така да се потпрете на државата. Таа не може да ве заштити од тој наплив на влијанија од секаде. Вие како мала држава, мал народ мора да работите многу повеќе од другите. Таму, интегрирани, на отворено поле вие сте само 1.5 милион Македонци, наспрема 6 милиони Албанци, 10 милиони Срби, 8 милиони Бугари и 10 милиони Грци. Таму може само со култура, со знаење, со белези, со препознатливост, со признаеност. Во спротивно, ќе ве усисаат. Тогаш џабе ви и економски политики, не знам стратегии за еколошки развој, ваков закон, таков закон…

Јас само би додал – Кој има два грама разум во главата, ќе разбере што треба да се прави.

12 марТукидид и Македонија во Оксфорд

„What we call international relations Thucydides saw as the inevitable competitions and conflicts between ancient Greek city-states (which together composed the cultural-linguistic civilization known as Hellas) and between Hellas and neighbouring non-Greek empires, such as Macedonia or Persia…“

Robert Jackson & Georg Sorensen, “Introduction to International Relations – Theories and approaches”, Third Edition 2007, Oxford University Press, стр. 62

И после ќе кажат Стојан Андов, Нано Ружин и слични ми ти учени луѓе, дека странците не ја разбирале „нашата“ верзија на историјата (затоа што тие истражувале и стигнале до други сознанија) и дека ни се смееле кога сме тврделе тоа што сме тврделе.

21 февСкопје 2014

Деновиве, кога некој ќе ме праша што мислам или пак, соговорникот непрашан или во дискусија ќе искаже став за проектот „Скопје 2014“, често пати се наоѓам во позиција да не разбирам на што точно мисли мојот соговорник. Дали мисли на спомениците или на зградите, дали мисли на формата или на суштината, дали мисли на законитост, транспарентност, естетика, простор, време, трошоци, власт, опозиција, името, Рамковниот, уметност, филозофија, психологија, политика или патологија? Имам впечаток дека мнозинството не може да ги гледа работите низ повеќе призми и на тој начин да донесе јасен заклучок. Значи, како да кажеш што мислиш за „Скопје 2014“ без да одиш делче по делче, разработувајќи ги низ повеќе методи и земајќи ги предвид сите аспекти на проектот, но уште повеќе, аспектите околу проектот?

ПЛАНИРАЊЕ

Убаво што некој се сетил да направи 3Д визуелизација на проектот, но не ми текнува дека некогаш се побарало на конкурс идејно решение за изгледот на целокупното централно подрачје на градот, па откако би се избрало најповолното решение, дури тогаш да има промени во ДУП-овите и конкурси за конкретните објекти. Вака во старт проектот има голема мана, бидејќи: 1) кога се задоволуваат желби на многу луѓе кои „мислат на парче“, на крај резултатот може да излезе многу поразличен од почетните желби; 2) ниеден објект и ниедна „маркичка“ не се свет сам за себе, туку треба да се дел од некоја поголема замисла. Во спротивност се враќаме на првото; 3) проектирање и градење на еден објект, без да се има увид во целата слика, е делумно како состанок на слепо. Освен со замислите на нарачателот, скулпторот, архитектот или проектантот треба да градат/прават и во согласност со замислите на нарачателот и авторот на соседниот објект. Инаку може да излезе нешто сосема трето од првичниот план. Дел од архитектите и скулпторите го потврдија ова.

Да не зборуваме што без постапка за целокупен изглед на центарот, драстично се намалува транспарентноста и можноста јавноста да придонесе со свои идеи кон проектот. На крајот на краиштата, ваквиот начин на работа секогаш чини повеќе.

СЕ НА КУПЧЕ

Скопје не е 1 км². Дури ни о. Центар не е 1 км². Зошто се мораше да биде набутано на толку мал простор? И онака градот има проблем со сообраќајот и дехуманизираната животна околина.

Жителите на Центар како аргумент за своето живеење во таа населба често знаат да кажат дека „се им е во околина“. Нека ми простат жителите на Центар, ама тоа е размислување што му доликува на селскиот менталитет. На македонското сред-село има црква, училиште, земјоделска аптека, бакалница (со се коперација, нормално), селска чешма и чистинка. На 50 метри погоре се гробиштата, а на 20 метри подолу е трошната куќарка и шталата на селанецот. Центарот на Скопје и денес наликува на сред-село, само со многу повеќе бетон, асфалт и возила. Изгледа дека и нарачателите на „Скопје 2014“ го имаат истиот менталитет.

Градот, особено центарот, треба да се шири. Објектите се големи и меѓудругото по визуелниот простор што го зафаќаат. Зошто им се намалува големината на уште неизградените објекти? Локациите на „Рамстор“ и на идно „Веро“ беа идеални за јавни и репрезентативни објекти. Но, во центарот на градот се уште има празни и доволно големи простори, на кои би било убаво да се преместат сеуште непочнатите објекти (и згради и споменици).

СПОМЕНИЦИТЕ

Сите личности или групи на луѓе за кои е предвиден споменик, апсолутно го заслужуваат тоа! Како нација најмалку што можеме е да им подигнеме паметник на своите најзаслужни луѓе.

Две забелешки: 1) дел од спомениците, особено оние што се групи на луѓе (основачите на МРО, АСНОМ, Гемиџиите) изгледаат чудно. Личат на „Свирачите“ кај кафе „Тренд“. Тоа е погрешно; 2) Не мора сите да бидат на плоштадот. Всушност еден споменик на плоштадот е доволен. Градскиот центар е доволно голем за им се најде достоинствено место за сите нив. Споменикот треба да господари со просторот околу него.

СПОМЕНИКОТ НА БРАНИТЕЛИТЕ

Нешто што требаше да се направи веднаш по конфликтот од 2001 година. Но, има ли крај на лицемерието на оваа власт? Парите од тужените бранители сега ќе се искористат за -  споменик, поставен до семафор! Оваа владејачка гарнитура, а и ниедна претходна, не им оддаде достојна почит на бранителите преку посебна правна заштита и посебни права. Наместо тоа, бранителите станаа најоштетената и најмаргинализиранатаа група на граѓани во Македонија.

Се надевам дека на споменикот ќе ги пишува имињата на оние што загинаа и ќе пишува кој ги уби.

СКУЛПТУРИТЕ

Освен „Играорците“ и „Чистачот на чевли“ другите едноставно не ги бива. Го грдат просторот. Нека ги извадат и нека ги стават некаде далеку од центарот. На пр. во Градски парк.

МУЗЕЈОТ НА ХОЛОКАУСТОТ

Овој музеј  е предвиден уште во 2002 година, а е почнат во 2005 година. Средствата за изградба, како и местото на кое се гради, се од денационализираните имоти на Евреите кои се погубени во конц-логорот Треблинка. Музеј од овој тип има уште во Ерусалим, Берлин и Вашингтон. Со тоа Скопје добива значаен културен објект од светско значење. Се надевам дека, покрај неговата основна намена, во него содветно ќе биде претставено пријателството меѓу Еврејскиот и Македонскиот народ, почнувајќи од доаѓањето на Евреите во Македонија во 15-от век, па се до соживотот и вклученоста на Евреите во борбата за македонска национална слобода.

МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНСКАТА БОРБА

Одлична е замислата музејски да се претстави еден од најзначајните делови на Македонската приказна – делот на македонската борба за слобода, еднаквост, правда и своја држава. Начинот тоа да се стори преку изложување на восочни фигури, слики на ѕидови од масовни историски сцени и изложување на оригинални артефакти од тоа време, му дава на целиот приказ живописност и поголема впечатливост. Но, некој ги помешал брзните.

Музејот е поделен на два дела – Музеј на ВМРО и  Музеј на жртвите на комунизмот. Ова е методска недоследност со името на самиот музеј.

Прво, македонската борба за слобода и за своја држава не е поделена на само два дела (ВМРО и антикомунизам, според замислителот), туку има многу историски делови и моменти, влијанија и пресвртници. Уште повеќе што борбата започнала многу пред создавањето на МРО во 1893.

Второ, ВМРО не е единствен носител на борбата. Пред неговото создавање, во текот на целиот 19-ти век во Македонија имало повеќе востанија и буни, оружени формации и културно-просветителски групи. Особено од 70-тите години на 19-от век па натаму, кога интензивно се отпочнува со револуционерна борба, преку Разловечкото и Кресненското (Македонското) востание, Македонската лига, Привремената влада „Единство“, Лозарите итн. итн. Дури и по формирањето на МРО дејствуваат други организации/групи, кои ја водат својата борба тактички и методски различно од МРО – Социјалистичката група, МТРК, Гемиџиите, МОРО, НФП, разните културни и емигрантски организации итн. итн. Уште поразнолико е по Првата Светска војна. Покрај тогашното ВМРО, дејствуваат и МЕФО, Илинденската организација, ВМРО (Об.), МПО, комунистичките партии, МАНАПО итн. Во текот на НОВ, ВМРО формално не постои, а борбата ја водат други. Во времето на Југославија постојат многу мали и неповрзани ВМРО-а, но и дисидентски организации со други имиња.

Трето, како жртвите на комунизмот станаа „соседи“ на борците за македонска слобода? Делумно тие групи на луѓе се поклопуваат, но голем дел секако не. Жртви на комунизмот можат да бидат многу категории луѓе, еве на пр. селаните како жртви на колективизацијата. Понатаму, дел од оние што се бореле за слобода на Македонија сметаат дека доволно е државност без независност. Ако  сметаме дека тоа а приори било погрешно, тогаш дали треба да ги отфрлиме и оние пред нив што се задоволувале со автономија или Балканска федерација? Исто така, не ми е јасна идејата на замислителот – дали жртвите се жртви на економско-социјалното уредување (кое сметало на македонската слобода) или се жртви на туѓиот режим? Под претпоставка, Македонија можела да биде независна (па дури и обединета), а сепак комунистичка земја, но можела да биде и либерално-демократска земја, а сепак во составот на Југославија. Кој е добриот, а кој лошиот, односно кој жртвата, а кој џелатот во овие случаи?

За да се избегнат овие нејаснотии, потребно е музејот да си биде само музеј на македонската борба, без делење на делови. Односно, во него треба да биде претставена целокупната борба на македонската нација за своја политичка единица, почнувајќи од својата современа револуционерна борба во 19-от век, па се до 1991 година, притоа занемарувајќи ги идеолошките, стратешките и тактичките погледи на личностите во музејот, но и определбите во однос на својот или туѓите етнички, религиозни и политички идентитети. Што значи, восочна фигура заслужува како и контроверзниот Т. Александров, така и на пр. и Л. Колишевски, К. Чашуле и К. Глигоров (кога ќе почине), но исто така и дисидентите за време на Југославија кои имале поинакви замисли за Македонија. Како и да се заврти, Ванчо Михајлов не заслужува место меѓу борците за македонската нација!

МАКТЕОН ТРИ ВО ЕДНО

Не, по ѓаволите! Изгледа катастрофално лошо, а образложенијата зошто таков антички стил се едноставно глупави.

Не знам која мајка роди таков генијалец што во една зграда смести Уставен суд, Археолошки музеј и Државен архив. И по толку месеци не можам да ја најдам врската меѓу овие три институции, за да би ги сместил во ист објект.

Замислете си ваква ситуација: Јапонски туристи го посетуваат музејот, сликаат, прашуваат, во исто време некои истражувачи одат во Архивот, а надвор група демонстранти протестираат против некоја одлука на Уставниот суд (и некои од нив ќе паднат во Вардар).

Сакам голем (и посебен) музеј на културно и историско наследство или барем нека се одржуваат постоечките музеи и нивните артефакти.

МОСТОВИТЕ И ВОДОСКОЦИТЕ

За ништо не користат и не се потребни. Ниту па ќе дадат некаков си подобар изглед на градот.

ЦРКВАТА

Не е точно дека црква на плоштадот ја нарушува секуларноста во државата или дека требало да се прашаат „другите“ зошто плоштадот бил на сите или дека плоштадот бил јавен простор па таму било забрането градење на верски објект или пак, глупавата теза дека плоштадот бил световно место и со црквата местото ќе се сакрализирало… Но, јас како православен Христијанин не сакам да има црква на тоа место во градот.

Црква на тоа место немало. Црквата Св. Константин и Елена била на околу 200 метри од сегашната предвидена локација, а имала и друг изглед од денес предвидениот за градба. Плус, како што објавија некои медиуми, тогашната власт ја обештетила МПЦ, со локацијата на која денес се наоѓа Соборниот храм Св. Климент. Но, тоа не е најважното. Црквите не се градат за изглед на градот или за чалам (на властодржецот, на ктиторот, на владиката). Црквите се градат заради потреба на верниците. Тоа што се црквите за верниците, тоа се и болниците за болните или училиштата за децата. Богатството на црквите не е во изгледот или во местоположбата, туку во духовноста која ја носат  во себе и од која верниците се напојуваат. Црквата како институција не е силна и богата заради бројноста, големината и ексклузивноста на парохиите, туку заради духовната сила на своите верници. Во радиус околу 1 км од плоштадот има 3 сосема големи цркви. За споредба, во Скопје има цели населби со по десетици илјади жители каде што нема ниту една црква. Да биде уште пожалосно, низ Македонија постојат стотици поголеми и помали цркви, оставени на забот на времето, често пати и без свештеници и без верници. Голем дел од нив се прогласени за културно и историско богатство на оваа земја и ним средства за обнова и одржување очајно им се потребни. Тука спаѓа и манастирот Св. Јован Бигорски. Процената за средства за обнова на изгорените делови на манастирот изнесува околу 5 милиони евра. И на крај, местото каде што е предвидена градбата блика од комерцијализам и материјализам. Околу црквата би се нашле ГТЦ, Сити Галери, Дал Фуфо, Телеком, ЕВН и пред црквата споменикот на Александар со меч во раката.

Се надевам дека разумните луѓе во МПЦ (какви што ги има во поголем број), како и оние искрени верници, ќе влијаат врз оние што намислиле да градат црква на тоа место, МПЦ да се откаже од таа идеја, средствата да ги искористат за подобри цели, а местото на плоштадот да го вратат на продавачот.

ТРИУМФАЛНАТА ПОРТА

Не! Не, по ѓаволите, не!!! Најкич и најшкарт објект во целиот проект. Цел, намера, идеја на портата? Кога во Македонија е изградена ваква порта или нешто налик на неа? Кој триумф ќе го славиме? Откажете се додека сеуште не доцна.

НОСТАЛГИЈА ПО РЕПРЕСИВНИ РЕЖИМИ

Нешто што посебно ме боли во целата приказна е носталгијата, па дури и плачењето, и барањето на „препород“ на архитектонски остатоци на репресивните режими во Македонија.  Старите скопјани – преродбеници бараат (и липаат од среќа – срцето му се стегнало на Данило Коцевски) обнова на објекти градени од најрепресивниот „мирновременски“ режим во овој дел на Македонија (Офицерскиот дом и Стариот театар) , а „посветените“ муслимани бараат обнова на објекти градени од Османлискиот репресивен режим (Бурмали џамија, споменици на видни претставници на Османлиите).  Зар со обнова на овие објекти, кои своевремено биле знак-белег на конкретната власт во Македонија и градителски симбол на суверенитетот на тие режими, ние не им оддаваме почит и благодарност, дека ете, тие направиле и оставиле нешто за нас!? Значи, не станува збор за одржување или зачувување на постојни објекти (нема да ги рушиме таквите, секако), ниту пак за обнова веднаш по некоја катастрофа (и тоа од причина што локалното население имало корист од нив), туку за сосема нова градба – реплики на истите објекти, и тоа по децении од нивното рушење. На овој начин ние си плукаме по нашата борба за национална слобода (што ќе ни е Музејот на македонската борба, во таков случај?), а воедно и на целата светска традиција на антиколонијализам и светска борба за национално самоопределување, која успеа да докаже дека придобивките на земјите под колонијална власт (железници, пристаништа, административни објекти и сл.), не можат да се споредат со експлоатацијата на поробените народи од страна на колонијалните власти. Властите на сите новоослободени земји се трудеа да остават што поголем свој белег во сите сфери на животот, меѓудругото и во архитектурата, за да докажат  дека „ние можеме и повеќе и подобро“.

ИМАЛО ЛИ БАРОК ВО СКОПЈЕ?

Една од поглупавите дискусии што се отвори за проектот е дали во Скопје постоеле градби во барок, класицизам, неокласицизам и сл. Што е тоа важно? Дали ако постоеле такви градби, ние треба да продолжиме така да градиме? Дали ако не постоеле, не смееме да градиме во таков стил? Прашањето за мене е дали ќе градиме во контекст на нашето време, нашиот простор, нашите услови, нашите цели и нашите визии. Ниедна земја каде што во изобилство ги има овие стилови не гради повеќе (одамна повеќе) во барок или во класицизам или сл. Сите сакаат да остават свој белег, односно тие луѓе, во тоа време, на тој простор, во тие услови (општествени, политички, економски, филозофски итн.), со таа цел и со таа визија, го изградија тој објект. Така на конкретниот објект ќе му дадат посебен, свој идентитет, а себеси ќе си го допрецизираат својот идентитет (кој не е само етнички или национален (па дури ни тој не закован како со шајка за ѕид), туку исто така и политички, културен, филозофски, историски, полов итн.).

На Македонија и фалат современи објекти. Современи и македонски. И фали некој објект од типот на Македониумот во Крушево. Македонскиот идентитет, етнички, национален, културен, јазичен, па и градителски, не опстанал низ вековите и милениумите зошто се држел за некои норми или догми како слеп за стап, туку затоа што секогаш македонската суштина знаела да се препакува, да се преоблече во облеката на своето време!

За жал, денес низ Македонија вирее епидемија на комплекс на инфериорна вредност. Срам од своето, срам од тоа што си и од каде доаѓаш, недоверба и сомнеж во свиоте можности и способности. Едните, квазилибералите (анти-градителите) го манифестираат комплексот преку драстично откажување и напаѓање на сите македонски вредности и постојаности, како остаток од историјата (која и таму треба да заврши) и претопување на своите идентите во туѓите (кои се сметаат за цивилизациски понапредни). Другите, квазипатриотите (градителите) исто така го имаат комплексот на инфериорна вредност, но кај нив се искажува на еден гротескен начин, преку извртување на своето, појавување на лажни традиции, самоизолирање, бегство од натпревар и сл. Често пати, тоа се манифестира со барање на свои традиции, вредности, моменти кај другите или пак туѓи традиции, вредности, моменти кај себе и на тој начин правење ефект „светско, ама наше“ (поврзано со проектот: барокот почнал од Александар Македонски; сите градови имаат коцка на плоштадот, ние ја извадивме; ние сме метропола, значи мора да имаме споменици (не разбираат зошто се поставуваат споменици и тоа го прават на гротескен начин); сите плоштади имаат црква; итн.). Како на некој ваков да му објасниш дека Париз, Виена, Берлин имаат барок, класицизам, готика, романтизам, ама ја немаат  Стара Чаршија, Св. Пантејлемон, Св. Спас, Скупи, Аквадуктот…?

ОДНОСОТ КОН ИСТОРИЈАТА

Сум подржувал и ќе подржувам изградба на споменици на историски личности и на музеи. Но, што е со веќе постоечките споменици и музеи? Оние бисти во Градскиот парк одамна се обезглавени. Споменикот на „Децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија“ во Жена-парк е во запуштена состојба.

Односот на актуелната власт кон спомениците, бистите, костурниците, музеите, историските места, е ист како оној на комунистичките власти. Тоа е историцизирање без цел. Што ако на плоштадот во Гостивар има споменик на Чеде Филиповски – Даме или што ако гимназијата во Штип се вика „Славчо Стојменски“, кога ретко кој знае кои биле и што направиле (и зошто се заслужни за споменик или за именување на некој објект). Историјата не е цел сама за себе. Таа треба да и служи на сегашноста. За оној што знае да ја користи, таа е важна алатка за обликување на сегашноста и за пронаоѓање на смислата на многу нешта.

Ваквиот начин на однос кон историските личности и настани, само преку споменици и именување на објекти, многу личи на погребна церемонија. Мермерен гроб/споменик за покојникот, објава во весник (или како на времето, по бандери) и се понатаму е оставено на сеќавањето на неговите блиски. На живите останува физички мртвите личности од историјата (како и настаните) да продолжат да ги негуваат, т.е. тие да не умрат и духовно – не само преку нови споменици и именувања, туку и преку грижа за старите споменици, преку музеи, преку книги, филмови, претстави, но најмногу преку постојана дебата и отворен однос кон историјата.

За жал, оние другите, квазилибералите, немаат ни ваква „комунистичка“ свест кон историјата. Тие би закопале се во земја и би урнале се што е направено. Се во интерес на гледањето напред во иднината (и после некои други биле коњофили).

НЕМАЛО ПАРИ

Ако ме прашувате мене, јас сигурно не би ја изградил Триумфалната порта, ниту црквата, ниту мостовите, ниту водоскоците, ниту пак „уметничките“ скулптури. Сигурно не сметам дека приоритет во оваа држава се нов театар или симфонија. Но, знам дека тезата дека нема пари е неточна и многу погрешна!

Некој сака да ни докаже дека 100 милиони средства распоредени во 7 фискални години (2008 – 2014), при мамутски буџети од 2 500 000 евра, се многу пари? Како тоа на мнозинството на овој народ никогаш не му посмета што буџетот е огромен и секоја година поголем? Како тоа мнозинството не се бори за пониски даноци и други давачки? Како тоа и мнозинството и елитите (ооо какви елити) не се побунија за планот да се купат 100 оклопни транспортери кои веднаш ќе бидат испратени во Авганистан? Како и мнозинството и елитите не се побунија против буџетот за социјални трансфери кој изнесува величествени 750 милиони евра ( и секоја година се зголемува)? Ниту пак се побунија против покачувањето на платите на буџетарите (глумецот Бранко Ѓорчев се фали дека платите им се покачени за 60%, секоја чест!)? Ниту пак за бањањето на пензионерите, а уште помалку за покачувањето на пензиите, при што тие главно се финансираат од придонесите на сегашните вработени, а кусокот се обезбедува од буџетот (два пати се плаќа за иста работа)? Зошто мнозинството го поздрави противуставниот, антиекономскиот и антилиберален закон за стечајците? Зошто речиси никој не се противи на се поголемата улога на државата (или Владата, сеедно) во секоја област од економската сфера? Таа стана најголем работодавец, најголем банкар, најголема осигурителна куќа, најголем продавач, најголем купувач, најголем издавач, најголем градежник, најголем огласувач, најголем давач на џепарлак… Последна вест: Владата ќе ги покрие оштетите за неосигурените насади од некое си невреме од лани.

Замолчете! Пари за неколку споменици и за неколку градби ИМА!

Секако, ако некој се сомнева или има докази за корупција при набавките на спомениците или градбите, нека го изнесе тоа во јавноста. Да и ставиме крај на корупцијата.

ЗАДОЦНЕТО ПАЛЕЊЕ БЕЗ АЛТЕРНАТИВЕН ПЛАН

Изнесената критика, јавен став, идеја никогаш не постои и не се создава сама од себе. Секогаш, барем малку, се врзува за тој што ја искажува или носи. Оттука, што може да се каже за оние најжестоки борци против проектот „Скопје 2014“? Настрана етикетите на квазилиберали, соросоиди, сдсмовци и сл. Да тргнеме од една нивна теза – Го бранеле градот. Од што го бранат и од кого го бранат? Дали го бранат од градежната мафија, која 15 години царува во Скопје? Дали го бранат градот од уништените населби на истата градежна мафија, како што се Кисела Вода, Дебар Маало, а во поново време и Ѓорче Петров? Дали го бранат од „Кинески ѕид“, „Тифани“, „Лумикс“, „Влајко“, дивоградбата Скендербег? Дали го бранат од неквалитетни улици и билборди на секој чекор? Дали го бранат градот од мега-билбордот на Ристиќева палата и од новиот деловен објект на кејот на Вардар до ГТЦ?

И за нив, па и за останатите јавни критичари (особено тие „стручните“) се поставува прашањето – Кој е вашиот алтернативен план? Како го гледате градот, што предлагате? Во спротивност, критиката станува критизерство и плукање. А оние „стручните кои никој ништо не ги прашува“ (тие навредените што зборувале пред Друштво на архитекти и објавувале во стручни списанија) да ги потсетам дека ако критиката и понудената алтернатива не стигне до широката јавност – исто како да ја немало.

МОНОЕТНИЧНОСТА НА ОБЈЕКТИТЕ

Посебно жално и тажно е што се бавиме со вакви глупости и идиотски тези искажани од јавни (и добро стоечки во системот) личности. Сите споменици биле на Македонци, а немало Албанци, Турци и други. Се градело само на десната страна на Вардар. Проектот го делел градот на етнички чисти делови.

Прво, спомениците не се поставуваат на припадници на одреден етнос или на одредена религија, туку на значајни претставници на Македонската нација. И не е точно дека меѓу нив нема етнички Албанци. Споменикот на АСНОМ, споменикот за паднататите херои, па дури и споменикот на бранителите, се посветени, меѓудругите, и на етнички Албанци (било како учесници на заседанијата на АСНОМ, борци во НОВ, членови во МРО или во други организации или бранители од 2001 година (со тројца загинати етнички Албанци)). Понатаму, ако етничките Албанци не можат да се препознаат како дел од Македонската нација и не ги чуствуваат за свои најистакнатите личности од македонската нација, тогаш ние имаме сериозен проблем. Ако некој етнички не-Македонец не го почитува Никола Карев, авторот на Крушевскиот манифест, ако не ги почитува неговите соборци Делчев  и Груев, ако не ги почитува демократските придобивки на АСНОМ, ако не ги почитува делата на светите Кирил и Методиј и нивните ученици светите Климент и Наум, борците за самоопределување и јазична самобитност на малите народи, итн итн. тогаш ние како држава имаме многу многу сериозен проблем. Видете ги само предлозите за споменици на етнички Албанци: Ибрахим Ругова, Џемо Хаса, борците на ОВК и ОНА, Адем Јашари итн. и се станува јасно. Ниту еден Албанец кој направил нешто за Македонија. Напротив сите до еден истакнати албански националисти. За да биде и малку комична ситуацијата, Александар Македонски, кого истакнати албански националисти го прогласуваа за Албанец ( што е жива глупост, беда и жалови), сега преку ноќ стана дел од „моноетничките“ личности.

Второ, објектите не се само на десната страна на Вардар, туку најголем дел се на левата страна. Кога ги слушам албанските националисти, помислувам дека левата страна почнува од Т.Ц. Мавровка.

И трето, проектот нема да го направи градот поделен на чисти етнички делови. „Рушачите на ѕидови“ забораваат дека и на десната страна од Вардар живеат етнички Албанци, но и на левата страна, иако таму живее мнозинството од етничките Албанци во Скопје, мнозинство од неселението се етнички Македонци.

МИЛИТАРИЗАМ И МАСКУЛИНИЗАМ

Една од далеку поглупавите тези дека проектот е штетен е дека се граделе споменици само на мажи и само на воини. Пак ќе повторам за оној што не разбрал – споменици не се градат за припадници на одреден етнос, религија, пол, сексуална припадност, професија, возраст или сл., туку на најистакнатите претставници на една заедница, луѓе што ја задолжиле истата, па макар кои и што и да биле.

Јас би бил среќен кога би имало споменик за жена, ама нема таква за во оваа група на луѓе. Не можеме да ја преиспишеме историјата. Едноставно, прифатете го фактот дека најголем дел од жените во македонската историја за жал биле необразовани, не ги праќале во училиште, не учествувале во илегални кружоци, не пишувале книги, не се бореле по планините… Ние немаме традиција на феминизам и борба за женски права, како што имале други уште пред децении и векови, од причина што ние сме немале ни најосновни права – и таму била сконцентрирана нашата борба. А да беа вистински борци за женски права овие денешниве „феминист(к)и“ (какви резултати од нивната борба – и по 20 години еманципацијата на жените не е мрдната од истото ниво, видете го само степенот на семејно насилство), ќе беа гласни борци барем за дел од овие споменици, еве на пр. за Гоце Делчев. На Конгресот на МРО во Солун во 1896, Делчев предложил во Организацијата да можат да членуваат и жени. Тој предложил, другите прифатиле.

Што се однесува пак до „воините“ (ова звучи како да правиме споменици на Конан Варваринот и Атила Хунски), јас се прашувам дали треба можеби да направиме споменик на дезертери, печалбари или боеми? Некои луѓе не можат да разберат дека протести, бојкоти, саботажи, бунтови, терористички акти, герила, водење војна, некогаш се нужни средства за да се дојде до одредени права и слободи. Историјата на либерализмот, на светската борба за слобода и права, историјата на борбата против ропство (аболиционизам), на борбата за женски права, на борбата за работнички права итн. е историја многу пролиена крв! Таму нема да најдете кукавици, страшливци, дезертери, компромисери. Храброста да се стави својата глава во торба за одредени идеали е она што се цени во човештвото. Јас се гордеам со тој начин на борба на мојот народ, а кој сака слободно нека се повлекува пред закани упатени преку СМС-пораки.

НЕ Е САМО СКОПЈЕ

Често пати слушам, било од скопјани или од жители на други градови, дека Македонија не е само Скопје и дека требало да се гради и во другите градови (демек и тие придонесувале во буџетот). Ако одиме по таа логика, во Скопје живее четвртина од населението во Македонија, плус Скопје е главен град и административен, економски и културен центар во Македонија, а и најмногу фирми има во Скопје – значи од парите за урбанизам и инфраструктура, Скопје заслужува најмалку една четвртина. Ама не е толку проста логиката.

Мене, како скопјанец, ми е срам кога ќе ги погледнам центрите на Велес, Прилеп, Битола, Охрид, Струмица. Тие се и посредени (соодветно на големината на градовите, нели) и поукрасени со споменици. Сите тие имаат повеќе споменици во центрите на градот, отколку во Скопје. Во периодот на комунизмот во центарот на градот изградени се само 2 споменика, од кои едниот е подарок од Бугарија, а другиот од Хрватска. И изградени се уште 3 последниве години, од кои еден е дивоградба, а вториот веројатно има ист статус, ако сеуште не е легализиран. Тоа е споредбата меѓу Скопје и другите македонски градови. Сите тие градови си развиваат свој градски идентитет, за разлика од Скопје кој е едно огромно сивило, една огромна привремена населба (како што беше бегалскиот камп Стенковец, само со бетон и асфалт).

КРАЈ НА ПРОЕКТОТ И ИЗГЛЕД

Со текот на времето (од принцип) станав противник на проектите на оваа власт (па и на претходните), колку и да е добра идејата. Едноставно, тие никогаш не излегуваат така како што се најавени. Или на сред пат нешто ќе се измени или нема да се направи во целост (или воопшто) или ќе се откажат на средина или администрацијата нема капацитет за тоа или реалните услови не одговараат на нивните замисли… Затоа не очекувам дека проектот „Скопје 2014“ на крајот ќе изгледа како во 3Д визуелизацијата. За среќа или за уште поголема несреќа, ќе видиме. А, 2014 година? Па, како и за се што се доцни во нашата држава и овој проект ќе ја има истата судбина.

ГРАДЕЊЕ И РУШЕЊЕ

Повторно на почетокот. Еден ден ќе мора да почнеме да промислуваме во поголемата слика, а не на парче. Еден ден, група на луѓе ќе излезат со демократски и законски прифатен план-визија за центарот на Скопје (а зошто не и за целот град), кој ќе важи на долг рок и кој севкупно ќе го осмисли центарот. А тогаш нема да има само план за градење, туку уште повеќе план за рушење на градби, за сите глупости што сме ги изградиле во последниве неколку децении. Со тој план ќе биде предвидено да нема станбени објекти во строгиот центар на градот и тие ќе бидат или преуредени или срушени (чао грдосијо Градски ѕид). Е тогаш Скопје ќе заличи како што треба.

02 февЧетврти блог-роденден во нова куќа

Еве ме и мене конечно тука преселен (а не мигриран). И тоа на четвртата годишнина откако го имам блогот. Додуша, точниот датум е 30-ти Јануари, ама да не ситничариме.

Четиригодишниот владин мандат на blog.com.mk помина и сега останува да видиме како ќе се справува blog.mk со предизвиците и проблемите во својот мандат. Од прва, ми изгледа посложено. Технократија или бирократија?

17 октЗа (не)енциклопедиските работи

          Македонија е далеку од нормална земја. Ако една книга предизвика да се напишат, изречат и сторат нешта толку туѓи на цивилизираниот свет, налет нека е и енциклопедија и се што со неа е поврзано.

         Од она што прочитав и чув од медиумите, излегува дека енциклопедијата на МАНУ е толку нестручно изработена, што би поминала единствено како докторска дисертација на ФОН, Мала Речица или некој од селските факултети.

        Се добива впечаток дека одредниците се пишувани без некој определен метод на работа, односно зависно од желбата на поединечните автори.

       Прво, го чув образложението на академикот Ристовски дека финансиските средства не дозвлувале енциклопедијата да биде во десет тома, па морале да се „присоберат“ во два тома. Но неразбирливо е за мене како не се нашло место за еден Ѓорѓи Колозов или за „Леб и Сол“, а имало место за некоја певаљка Јасмина Гуњова или за Весли Кларк.

         Второ, секој пишувал онолку колку што сметал дека е доволно. Па така, појави, настани ли луѓе од ист ранг и исто значење, добиле сосема различен простор во енциклопоедијата.

        Трето, не знам кој универзитетски професор, доктор на науки, магистер, или кој било човек што се смета за професионалец, во неговата работа ја користи и ја цитира Википедија како релевантен извор, а притоа да има минимум почит кон своето дело и кон нарачателите на неговиот труд? А и да не е случајот со Википедија, сликата нема да биде многу порозова. Кои извори да се користат? Во конкретниот случај со ОНА, колку книги (дома и во светот) се напишани на таа тема? Колку истражувачи има? Дали постојат официјални (државни, меѓународни, судски) документи за да се поткрепи некоја теза? Дали, на пр. се формираше парламентарна комисија за да ги истражи случувањата од 2001 година, по примерот на Конгресната комисија формирана за нападите од 11.09.2001 во САД? Сето тоа во Македонија го нема. Истражувачката работа и науката се речиси мисловни поими. А и да има книги за некоја тема (како и што има, не дека до толку ништо не се пишува), што фајде од тоа кога не се организираат дебати, стручни расправи, критики, спротивставени трудови – научните трудови не се верицифираат низ научно определен метод. Сите ние сме лаици во најголемиот дел од нештата околу нас. Ние се потпираме на вербата во стручноста на научниот авторитет. Но, авторитетот се гради низ постојани проверки, оспорувања и преиспитувања на научните „вистини“. Само така научниот авторитет може да биде фенер во мрак, од кој понатаму ќе произлезат енциклопедии, учебници, музеи, споменици, документарни, играни и сериски филмови, претстави…

         Проблемот е што сакаме да направиме некое капитално дело како енциклопедија, а немаме материјал за тоа. Некој праша зошто Владата ја финансирала изработката на енциклопедијата со 150 000 евра? Не 150 000 евра, 15 милиони евра се малку пари за македонската наука, па макар и со години научните институции би издавале само „Ден Браун“ романчиња и хаику поезија. Без пари и без благонаклоност од целото општество нема наука. Ако веќе сакаме наука.

        Дека состојбата е повеќе од очајна и срамна, говори и делот во енциклопедијата што се однесува на потеклото на Македонците. Таму изречно стои дека Македонците имаат словенско потекло и никако поинаку (иако, морам да кажам, академик Ристовски кажа други работи кај Јанко, па затоа ова го пишувам со малку резерва). Тези и теории се една работа ( и тука не навлегувам во точноста или неточноста на било која), но кога МАНУ и Институтот за национална историја (односно, двете најповикани институции за македонската историја) излегуваат со дијаметрално различни ставови за толку (научно) важно прашање, тогаш станува збор за крајно несериозни луѓе, несериозни институции, несериозна јавност, па на крајот и несериозен народ. Ова прашање, кое е и легитимно е и нужно, па е и предизвикувачки, да се поставува и одговори, последниве две години беше на маса кај нашата политиканска, пропагандистичка и квазилиберална јавност. Научниците, или оние кои се претставуваат за такви, не најдоа време и простор тоа прашање да го продискутираат едни со други. Секако, книги на оваа тема има, но останува само на тоа – разговор на глуви. Групата од МАНУ не реагираше на напишаното во „Историјата на Македонскиот народ“ од ИНИ, а тие пак не реагираат на напишаното во енциклопедијата на МАНУ. А во двете книги си ги поништуваат ставовите едни на други! Би било преблаг да се каже дека двете институции се полни со кариеристи и полтрони (па и кодоши), без никаква заинтересираност за наука.

          И навистина, што е МАНУ? Кои се тие луѓе што се кријат зад овие четрири букви? Телото што требаше да биде врвот на македонската мисла, е во најголем дел составено од анонимуси. Сите од тие академици се стручни во својата област (веројатно, но нема начин како да го провериме и тоа), но зошто се академици и членови на МАНУ? Кога последен пат сте ги слушнале да се произнесат по некое прашање од национален интерес (Направија една стратегија за енергетика и што има во неа? Македонија ќе гради нуклеарка. Ова како мала дигресија за еден нивен обид да се произнесат по нешто.)? Тука ги вклучувам и тројцата академици – етнички Албанци. Кои се па тие и зошто се академици? Да не го заборавам и најгласниот од сите во критизерството и плукањето – Милан Ѓурчинов. Знае некој било што за типов? На Интернет најдов дека бил поет и книжевен теоретичар. Интелектуалец сигурно не е, бидејќи досега би го чуле и виделе некаде. Со други зборови, човекот е стручен за наука по звање и искуство колку и било кој дипломец во Македонија. А тоа не е единствен случај во МАНУ.

* * *

         Сето ова досега напишано паѓа во втор план и е второстепено по значење во споредба со се она што се случуваше по издавањето на оваа книга.

        Кога успеаја сите да ја прочитаат книгата само по еден ден од издавањето и стручно да ја изанализираат и искритикуваат? Првиот ден биле продадени околу 100 примероци и уште педесетина биле оставени во МАНУ. Ова кажува дека енциклопедијата била само повод, а причините за нападите се други.

        Албанскиот национализам/расизам/фашизам ги живее своите пет ѕвездени минути. „Умрете македонци“, „Немате вера, немате нација“, „Јован Бигорски е албански“, „Вратете се зад Карпатите“, „УЧК“, „Голема Албанија“ се само некои од паролите од кои се гледа дека ситуацијата е отидена предалеку. А Македонците? Едната половина од нив молчи, другата половина се дигна против „македонскиот национализам“. Нема реагирање за албанскиот. Сочуствуваат за навредите кон туѓ народ, а својот нема милост.

         А за цело време од квазилибералните критичари на енциклопедијата не чув ниту еден аргумент со контра теза за некоја од спорните одредници. Напротив, тие зборуваат за забранување и поништување книги, линчување и скалпување на автори, политичка одговорност за функционери. Како и секогаш досега, нема ниту малку толеранција на нивна страна за мислење поинакво од нивното.

         Тие не не помислуваат, а и сите други заборавија дека секој човек во Македонија има право на свое и различно мислење, колку и тоа да е погрешно и колку и тоа да се разликува од мислењата на останатите луѓе. Вклучително и академик, министер или премиер. Државно мислење не постои – тоа се догми во тоталитарни или авторитарни режими. Оттаму, енциклопедијата е став единствено на нејзините автори, а не владин, државен или национален став. Таа е авторско дело, како и секоја друга книга, новинарски текст или есеј, па макар носела и наслов „Македонска“.

        Постојат многу начини за негодување и спротивставување на содржината на некоја книга. Постојат главно два нормални и цивилизирани начини. Едниот подразбира побивање на аргументите во книгата преку дебата, расправа, соочување, а вториот е комерцијален, преку едноставен бојкот на книгата. Има и тоталитарен начин – книгите се забрануваат и палат, односно во македонски прилики тие се „повлекуваат и поништуваат“.

        Енциклопедијата била анти-НАТО, анти-ЕУ, пројугословенска и проспска. Била последниот бастион на сите овие мрачни сили. Што? Во земја каде што жестоко се борат за една петокрака, во земја каде што во центарот на главниот град има училиште што се вика „Јосип Броз Тито“ и во земја каде што истите овие квазилиберали се спротивставуваат на лустрација (како идеја, законот да го оставиме за некоја друга прилика), да има некоја книга со симпатии за комунизмот и Југославија? Нема шанси.

         Што се однесува пак до анти-НАТО и анти-ЕУ ставовите на кој било човек (еве изнесени и во книга), ако ги слушате нашите квазилиберали, се добива впечаток дека секој оној што има негативен или барем малку критички став кон НАТО, ЕУ, САД, СТО, ММФ и сл., е во исто време просрпска и проруска структура. Па така, целото антиглобалистичко движење во светот, како и видни поединци како Ноам Чомски, Мишел Чосудовски, Мајкл Мур итн. – се ништо друго туку просрпски и проруски структури. Многу се јаки овие Србиве.

         Внимавајте ако за некого пишува дека дошол некаде од некаде. Тоа според нашиве квазилиберали било знак за расизам и ксенофобија. Ете, не сме знаеле дека цела Северна и Јужна Америка, Австралија и Западна Европа се најрасистичките места на светот. Оти таму секој знае од каде доаѓа, каде дошол, зошто дошол, и сите се гордеат со своето потекло.

         А што убаво им се погоди Блаже Ристовски – типичен стереотип за македонски националист. Историчар, академик, витален старец, совршен изговор на Македонскиот јазик, кој ретко користи интернационализми и англицизми. Сетики зборува за некои Мисирков, Чуповски, преродбеници, нации, а сосема ретко ќе каже за некоја интеграција, реформа, бенчмарк. Само што Блаже зезна работа. Зезна кај Словените, инаку се ќе беше потполно во сликата за македонскиот национализам. А кај се сега „словените“ да дадат еден громогласен аплауз што Блаже не се антиквизира и букефализира? Тоа ти е – ако фактите не ја подржуваат теоријата, дотолку полошо за фактите! Тие решиле да одат против Грујо, нека одат.

         А црни Грујо меѓу две фрлања лопати дава изјава дека „секогаш кога на земајта треба да и се случи нешто важно, одредени мрачни сили во Македонија се активираат“. Добро утро Грујо. Само не заборавај и сам да се смештиш меѓу нив. Зошто да не беше така, досега ќе спроведевте лустрација, вистински ќе се боревте против корупцијата, ќе ги пуштевте Хашките случаи во процедура… А за да докаже дека не е мрачен, што направи? Пушти декрет до МАНУ енциклопедијата да се забрани.

         Токму тоа се случи, без разлика што некој го претставува тоа како „повлекување заради корекција“. Цензура. Не памтам друга книга да била забранета во „демократска“ Македонија. Најжалосно е што целата јавност во Македонија, со исклучок на неколку интелектуалци, го прифати тоа. И официјално – во Македонија нема слобода на говор, творештво, мисла, протест. Да се знае што се случува во авторитарни општества – протестантите се тепаат, беспомошните се заплашуваат, а интелектуалците се замолчуваат! И не само што јавноста го прифаќа тоа, туку таа е наведена, самостојно или од надвор, да биде активен учесник во овој грозен чин. Секој да удри по малку во телото на еретикот!

         Всушност, колку и да сакам да верувам дека сето ова се домашни, „македонцки“ работи, се некако ми мириса дека има и странски зачин во манџата. Ударот по МАНУ, академик Ристовски и енциклопедијата е доволно страшен за секој оној што ќе се обиде да напише или искаже пронационален став. Последниве години стегите во тоа сфера малку се ослободија. Почна да се размислува малку посвоеглаво македонски. Разни книги, откритија, факти почнаа да се презентираат по медиумите. Средствата од буџетот за археолошки испитувања енормно пораснаа итн. итн. Секако голем дел од овој национален бран е ништо повеќе од квазипатриотско ѓубре – некои аргументи не се прифатливи ни за основци, а камо ли научно да се верифицираат. Но, причини за загриженост кај оние анти-македонски сили во странство и дома има. Не ги загрижуваат нив типчиња како Петар Поповски или Ниче Димовски. Нив ги загрижува СЛОБОДАТА. Ако некој се дрзне да зборува отворено, ќе се јават и други кои ќе ги подржат или побијат, сеедно, односно ќе се јави еден бран од самостојни и незаплашени луѓе, кои преку расправа, критика, јавна дебата ќе дојде до аргументите штом ним им одат во прилог. Најдете доволно такви луѓе и тие стануваат политичка сила. Тоа е она што нив ги загрижува и кое, според нив, мора да се исече во корен. Нападите за „антиквизацијата“ не успеаја. Во случајот со енциклопедијата успеаја.

          Нешто ми вели дека нема да се застане со енциклопедијата. Од сега натаму секој денар што преку буџетот оди за некоја книга, научен или културен настан, проект и сл. ќе биде преипитуван и подложен на неколку филтри на цензура. Дури ни приватните спонзорства нема да бидат поштедени. Секој спонзор три пати ќе размисли дали да одвои некој денар за книга, наука, култура, литература, спорт итн. (а и досега па колку пари се одвојуваа). Во спротивно, е свесен дека и тој ќе биде изложен на јавниот линч ако нешто тргне наопаку.

        И на крај што се случи? Еден месец по објавувањето на енциклопедијата бурата ја снема. Не е веќе интересна. Дајте друг настан. Далеку сме ние од нормалниот свет.

25 сепДо толку ли дојде работата?

          Сликава, како вовед во текстот.

     допис од Европски универзитет

     Вистински поставеното образование секогаш раѓа самосвесни, независни и критички настроени поединци. Токму затоа историски гледано, во последниве 200-250 години во Македонија, од страна на сите тоталитарни и авторитарни режими најмногу страдал оној дел од населението што бил образован. За да преживее во исклучително тешки и нестабилни околности, кај Македонците се развило поведение на политичка и општествена неактивност или барем тргање настрана од бурни национални, политички и општествени процеси и сведување на животот на преживување. Тоа барало да се живее според филозофијата „не знам и не ми е гајле“. Секако, така се јавила одбивност кон образованието, а на образованите почнало да се гледа со презир и подбивност како на чудаци кои искуството на животот ги демантира и кои заради нивните погледи на светот биле сметани за бељаџии од кои пати средината. Но, заради преживувањето/снаоѓањето во животот, Македонците сепак задржале значајна доза на лукавост и луцидност, итарпејовска мангупштина, здраво-разумско размислување и цинизам.

          Смислата на преживувањето, денес во Р.Македонија, се сведува на заграбување на некаква материјална позиција ( значи, не што подобра, туку било каква ), како се знае и умее. Целта најчесто е да се дојде до работно место. Во услови кога огромен дел од населението 100 евра доживува како добивка на лото, средства не се бираат: непотизам, кронизам, лепење партиски плакати, подмитување, па се до целосно понижување на сопствената личност. Така што, ако коцките се поставени како што треба, трката по титули и дипломи е непотребна. Не сум сретнал човек во Македонија, кој не е на мислење дека тука не владеат „врските“ (барем малку). Ако барателот на услугата, вклучително и најважната – вработувањето, нема врски, се друго е залудно. И обратно, секој знае да наброи барем по неколку примери, каде што вработените не исполнувале ниту еден критериум, па се вработиле – со врски. Последен пример е конкурсот за 400 работни места по Рамковен под државна капа.

          Но, последниве неколку години се случува нешто што не можам да си го објаснам. Наспроти општо прифатеното мислење (и делување), трендот на ново запишани студенти во земјава расте вртоглаво брзо. Дури и Владата се фали дека минатата година на факултет се запишале дури 85% од оние што завршиле средно. Истовремено, се случува и еден друг тренд. Квалитетот на студиите е драматично паднат во споредба со само неколку години претходно!

          Се почна со отворањето на приватните универзитетите, кои наместо да ја подигнат конкуренцијата во високото образование, станаа продавници за дипломи. Одговорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ беше воведувањето на фамозниот ЕКТ систем, со кој студирањето се сведе на отчукување на картички (демек присуство на настава) и тестови со заокружување. Чиста среќа што сум постар и не го дочекав овој систем. На крај дојде и нокаутот на високото образование од страна на Владата со отворањето на селските факултети, без задоволување и на најосновните критериуми (дури и за основно училиште) во поглед на кадар, простор и концепт. Се под плаштот на материјална достапност на високото образование до широките и осиромашени народни маси. Ако приватните факултети се продавници за дипломи, овие селските се народни кујни за дипломи. Секако, да не ги заборавиме и Штуловиот универзитет и оној во Мала Речица, на кој најчесто се запишуваат етнички Албанци. Тие две „високо-образовни институции“ се доказ дека глупоста е секогаш првото нешто што ќе ги помине националните, етнички, јазичните, културните и општествените граници. Барем досега неа широкоградо ја прифаќаат и Македонците и Албанците.

         А, трошоците на студирање по глава на студент воопшто не се намалени, дури може да се каже и се зголемени. Тогаш чуму толкава побарувачка по нешто толку скапо, по нешто што е само парче хартија, а не и знаење, и по нешто што нема да користи при барањето работа, ако се немаат „врски“. Некој за една година на ФОН или Европски ќе плати 2000 евра (само основни трошоци), а моето цело четиригодишно студирање со сите трошоци не ме чинеше повеќе од 1200 евра. Секако, квалитетот на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е светлосни години зад она што треба да го нуди ( човек го сфаќа тоа кога ќе излезе на пазарот на труд), но квалитетот на ЕКТС, приватните и селските факултети, и Мала Речица е необјасниво катастрофален! Парадоксот е што онаму каде што квалитетот е највисок, цената е најниска.

          И на толку ли ниско ниво спадна разумот на мојот народ, штом се тепа да дава баснословни суми за воздух и штом, како што вели една припроста родителка, „подобро е децата да се запишат на приватен факултет, бидејќи барем нема да се нервираат и да си го губат здравјето“? Па ниту јас, ниту илјадници други што завршиле на УКИМ и УКЛО не се генијалци, па сепак сме завршиле факултет (иако, да повторам, квалитетот на студиите е далеку од задоволителен и заради тоа неизвесно е каква добивка ќе имаме од дипломите). Сега дури има и нов тренд – масовно запишување на последипломски студии на приватните универзитети. Таму „барем книга не се фаќало“. Има многу вистина во тврдењето на оние економисти и социолози кои велат дека сиромаштијата е само состојба на умот!

         Да се навратиме на почетокот на текстот, на преживувањето. Во основа македонскиот начин на преживување се сведува на некаков начин на корупција. Најчесто врскаџиштво по роднинска, пријателска или партиска линија (непотизам и кронизам). Но, имам впечаток дека во Македонија под корупција се препознава исклучиво мито, тендери, проневера на јавни средства и други високи математики. А, најзастапени се токму непотизмот и кронизмот. Знам дека многумина од оние „врскаџиите“ би сакале да лизнат барем малку од медот на високата корупција, но не можат, бидејќи за тоа често се потребни ИНТЕЛИГЕНЦИЈА и ЗНАЕЊЕ!

29 мајВо каква држава живеам јас!?

        Ако не сте знаеле, а најверојатно не знаете, вчера почна судењето за инцидентот на плоштадот „Македонија“ од 28.03.2009. Мало потсетување: Група граѓани (Прва Архи Бригада и други) закажаа одржување на јавен протест против градењето на објект на плоштадот „Македонија“. Час претходно на истото место се собира втора група, противници на првата група, дојдени со цел (со умисла) да го спречат одржувањето на протестот на првата група. Втората група успеа во своите намери преку закани, заплашувања и физички напади врз луѓето од првата група. Полицијата немо го проследи сето тоа.
        Почна судењето за инцидентот, но не за оние од втората група, туку за организаторите од првата група! Ги обвинуваат дека немале редари и не се повлекле на време. Иако Уставот вели дека јавните протести не мора да се пријават претходно, ниту пак за тоа е потребна претходна дозвола. Иако истиот Устав ги гарантира слободното изкажување на мислата и слободното политичко организирање и делување. Полицијата, Јавното Обвинителство и Судот се водат според Законот за јавни собири, кој кога би имале нормален Уставен суд, не би преживеал ни 24 часа. Законот од почеток до крај е зрел за укинување, но дури и да прескокнеме преку неговата неуставност, повторно полицијата и ЈО грешно го толкуваат ( за судот допрва ќе видиме ). Редарите на јавниот собир, хипотетички, имаат работа да ги спречат членовите на собраната група, кога тие би попречувале други луѓе во остварувањето на нивните права или за да го заштитат јавниот или туѓиот приватен имот од членовите на својата група. Наспроти ова, за напаѓачите судскиот процес се уште не е почнат, иако за секој од нив, според извршените дела, Кривичниот законик пропишал солидни затворски казни. Една голема фарса од владеење на правото. Ниеден медиум, освен „ТВ Алфа“ не го пренесе овој настан.
        Од ова може да се извлечат неколку заклучоци:
        1. Владејачката гарнитура решила да ги казнува сите неистомисленици во оваа држава. Дури и оние најситните, најмалку гласните, оние без ниту еден грам политичка моќ кај себе. Заборавете на сите оние подземни борби во политичкиот живот во Македонија, кога преку клеветења, етикетирања, местенки, афери, кодошења, закани, уцени, поткупувања, општествено-политичките елити се пресметуваа меѓу себе или против своите противници бидејќи тие имале некаква моќ во себе што би можела да ги загрози првите. Ова е време на најдрастична пресметка со неистомислениците, својствена за недемократски режими, преку апаратот на државата. Полиција, суд, казна. Како во најцрни комунистички денови. Типичен показател е масовната тужителска кампања за клевети. Пратеничка е осудена за клевета затоа што рекла дека директорот на државно претпријатие имал „најлоши резултати во работата“ (вредносен суд). Оние анегдоти за судските пресуди заради вицови за Тито од пред неколку децении, набрзо повторно ќе станат реалност во Македонија.
        2. Од тивок сојузник на естаблишментот во Македонија, медиумите дефинитивно се претворија во лева рака на владејачката гарнитура (десната рака секогаш била една структура од полиција, тајни служби, обвинителство, судство и останата државна администрација). Новинарите, уредниците и сопствениците како општествен слој се сместуваат меѓу најкорумпираниот и најнедемократскиот дел од македонското општество. Корумпираноста, податливоста, партиските, олигарсхиските и удбашките влијанија никогаш не биле туѓи во работата на медиумите, но од тивки критичари (онака, пред се чалам пред елитите), чат-пат истражувачи на понекоја афера и чат-пат покренувачи на некоја дебата, какви што беа до пред некоја година, се претворија само во известувачи на немилите настани и во некритични и нескептични фалбаџии на секоја „позитивна“ вест, за од сега па натаму повторно да го возобноват комунистичкиот агитпроп.
        3. Во Македонија ќе се најдат 1001 експерт, интелектуалец, критичар, аналитичар, кој ќе ламоти за името, евро-атланските интеграции, меѓуетничките односи, Рамковниот, семејните односи, веронауката, антиквизацијата итн. итн. ама прашање е дали некој ќе проговори ( а уште помалку и направи нешто ) за човековите и граѓанските слободи и права, владеењето на правото, демократизацијата на оваа земја, концентрацијата на удбашко-олигархиските структури во власта, немањето политички плурализам, граѓанското општество… Од тоа може да се заклучи само дека целокупната опозиција, речиси целокупниот невладин и граѓански сектор и речиси целиот интелектуален слој во Македонија не даваат ни пет пари за погоре набројаното и ја критикуваат владејачката гарнитура само заради гола борба за власт, што од друга страна може да се заклучи дека ни тие не би биле поарни кога би биле на власт.
        4. Резигнираноста во Македонија се шири со аритметичка прогресија, што луѓето се откажуваат и од пасивен отпор дури и кога се работи за свои интереси и права. Култура на страв, култура на молчење, една општа апатија, живот од денес за утре. Ги гледам вчера студентите кои ги судат, како веќе да се помириле со судбината ( што по ѓаволите ни требаше ова…). Нација од безживотни тела и празни умови.

        Во каква бре држава живеам јас!?

13 апрГруба партиска манипулација

        Дојдов на саботниот протест да изразам подршка на заштитата и јавната афирмација на слободата на јавен собир, слободата на говор и слободата на изразување – идеи во кои силно верувам. Си заминав дома со чуство на искористеност и злоупотребеност.
        Протестот беше најавен како реакција на инцидентите од 28 Март, кога толпа партиски бизони насилно спречи одржување на јавен протест на неистомисленици. Протестот требаше да биде собир на подржувачи на слободата и демократијата, без оглед какви им се ставовите и размислувањата во другите сфери од животот и требаше да биде со главна тема – одбрана на нашите слободи и права. Наместо тоа, во саботата се одржа една груба партиска манипулација. Еве зошто:
        Прво, на протестот се истопорија еден куп опозиционерски фаци: Фрчкоски, Милчин, Исмаил, Героски, Трифун Костовски, Бранко Тричковски, Тозија, Љупчо Јордановски… фалеше уште Бранко лично и персонално да се појави. „Што да правиме, ни се лепат“ беше коментарот на еден од организаторите на протестот. Можеби, ама во нормална држава организаторите и учесниците во протестот би ги изигнорирале таквите фаци. Барем би ги исвиркале. Тука им беа поделени свирчиња и транспаренти. Воопшто не е недемократски да се оградиш од некого за време на јавен собир. Не е недемократски организаторите да ги замолат дотичните ( кои и да се во иднина ) да се одалечат од местото на одржување на протестот, доволно за да се раздвојат од првобитната група. Со тоа ним не им се попречува правото да се собираат и протестираат, бидејќи тие не се избркани од секој јавен простор и грубо замолчени, туку само се одделуваат од друга група ( која има легитимно право, согласно слободата на здружување да избира со кого и што ќе прави ). Не е проблем што на еден протест за слобода на протест, говор и изразување дошле опозициони политичари и активисти, ниту пак е проблем протестот да бил и директно организиран од нив. Проблемот е што тие луѓе имаат дебело досие на уништување и загушување на демократијата, слободите и правата и владеењето на правото во Македонија. Со, во најмала рака, премолчаното одобрување на присуството на ваквите лица на протестот и заедничкото протестирање, организаторите покажаа дека не им смета да се борат за слобода и демократија заедно со луѓе што газеле по истите.
        Второ, на протестот немаше ама баш ниеден транспарент поврзан со слободата на протест, говор и изразување, демократијата, злоупотребата на власта и полицијата во сферата на човековите права и сл. На транспарентите видов само црква, плоштад, Скопје, абортус, ССУКМ… Еве дел од нив: „Рас, два три, ние сме од Скопје“, „Педери у душа“, „Не сум со СИТЕл“, „На плоштад плоштад, а не црква“, „Црквата на шлагот е само цреша на плоштадот“, „Смрт или ССУКМ“, „Да, ние можеме“ итн. итн.
        Трето, и најчудно за мене. Цело време на протестот се извикуваше „Слободно Скопје“ и „Слобода за Скопје“. Огромен број од транспарентите беа со слични пораки: „Право на Скопје“, „Ние сме од Скопје“, „Солун е ваш, ама Скопје е наше“. Неколку пати се обидов да им укажам на организаторите ( девојките и момците во сини маички ), наместо „Слободно Скопје“ да се извикува „Слободна Македонија“ или нешто слично. Безуспешно. Од каде ова со слободата и Скопје? Скопје е само град. Обично кога во ист слоган се повикува на ослободување на некој град/село се мисли на територијално ослободување. Бидејќи ние таму бевме собрани со цел борба за слобода од правно-политички и филозофски аспект, се поставува прашањето дали така сфатената слобода до толку различно се практикува во Скопје ( на полошо ) од другите делови на Македонија? Зарем до толку е подобро во Струга, Пехчево, Долнени? Колку што знам, Македонија е се уште унитарна држава каде што законите и нивната примена важат на целата државна територија, а полицијата, обвинителството и судството функционираат на централно, а не на локално ниво. Сакам да верувам дека ова е случајно и последица на непромисленост.
        Кога се ќе се земе заедно, без разлика дали СДСМ и ФИООМ биле директни организатори или само вешто станале ко-организатори, добивме само еден анти-владин протест. Протестот несомнено требаше да биде анти-владин ( и јас дојдов меѓу другото и за тоа ), но исто така требаше да биде и анти-опозициски, односно анти-СДСМ и анти-Сорос. Всушност еден анти-естаблишментски протест, против злоупотребата на власта и полицијата, против удбашко-партиско-олигархиските структури во Македонија, против културата на молчење и страв, против полтронството и премолчувањето на негативните појави во нашето општество. Против се е она што ги гуши, забранува или уништува демократијата и нашите основни слободи и права.
        Уште полошо е што наместо декларативниот обид на организаторите против вкалапувањето на луѓето во црно-белиот свет ( изразен преку престилки со слоганот „Имам ли избор?“ ( од комуњар/преродбеник, патриот/предавник, домаќин/параспур и сл. ) ), со директното присуство на сдсмовците и преку транспарентите, се доби сосема спротивното. Само анти-владини ставови кои се само директна негација на политиките на Владата, но суштински не нудат никаква алтернатива на така воспоставената политика. Тоа оди директно на црно-белите поделби на луѓето во Македонија. Тепач/верник или атеист/секуларист; патриот/анти-натовец или предавник/интегративец; ДПМНЕ или СДСМ. Впрочем, зошто сдсмовците би се залагале да се напуштат ваквите поделби? Во една отворена дискусија без етикетирање и клеветење, тие би биле први кои би се збогувале од политичката сцена. Нив им одговараат поделбите на вакви основи, па макар би го земале само помалото парче од гласачкото тело.

        Квази-либерали против квази-патриоти!

        Ќе има во иднина повторно вакви протести. Незадоволни луѓе има колку душа ти сака. Партиски војничиња, полтрончиња, кариеристи и удбаши, црни фондови и гробари на Македонија кои единствено имаат корист од вакви настани – има уште повеќе. И на крај да го пренесам мојот краток муабет со еден соученик од средно, инаку многу близок со фрчковистите и учесник на протестот ( патем, имаше многу сдсмовски „омладинци“ на протестот, како на пр. синот на Љупчо Јордановски, иако верувам дека огромен дел од луѓето, а можеби и мнозинството, беа дојдени од истите побуди како и јас ):
        – Што е ова бе, цел СДСМ дошол на протестов. Ве здоболе вас за и за слобода и за се.
        – Се враќаме на големо. За година и пол… ќе видиш…. за година и пол се враќаме на власт.
        – Вие сте полоши и од овие сега. Ќе ги уапсите сите што некогаш гласале за ДПМНЕ.
        – Хехе… Не сите, само оние што не гласале под притисок.